За хаосот во Скопје вината е кај Мицкоски и кадрите на ВМРО ДПМНЕ во јавните претпријатија, вели СДСМ
Градот Скопје е целосно парализиран, сообраќајот е во колапс, на улиците владее општ хаос, метеж и застој, вели СДСМ
„Граѓаните не можат нормално да се движат низ градот, доцнат на работа, на училиште, на факултет, не можат да ги однесат децата во градинка, не можат да стигнат на лекар, не може да помине ни брза помош, ни пожарна.
Вината за блокадите и хаосот во Скопје е кај Христијан Мицкоски и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во градот и во јавните претпријатија.
Токму Мицкоски пред една година славеше дека го освоил Скопје, со Данела Арсовска, наводно независната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги собираа потписите, ја промовираа Арсовска како најдобра идна „мајка на градот“. Мицкоски ги повикуваше граѓаните да гласаат за бројот 82, за Арсовска.
Дури и победата Арсовска ја славеше во Белиот дворец, заедно со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Довербата на граѓаните ја добија со ветувањата за бесплатен јавен превоз, за 250 нови автобуси и тоа еколошки.
Но, шпицниот градоначалник Мицкоски и менаџерката Арсовска се скараа за провизии и тендер од 130 милиони евра.
На површина исплива целата неспособност на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје, директорите на јавните претпријатија, членовите на управните одбори во ЈСП и во другите претпријатија, мнозинството во Советот на Град Скопје.
Цената на нивната неспособност и неодговорност ја плаќаат граѓаните на Скопје“, се вели во соопштението.