Вучиќ: Ако почнат да ве ловат како зајаци, тогаш е готово
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека на синоќешната средба со претставници на Србите од Косово во Рашка е постигната мала победа.
Сепак, тој додаде дека е свесен оти проблемите не се завршени.
Вучиќ на својот Инстаграм профил „buducnostsrbijeav“ изјави дека секој ден на мир и стабилност е шанса за иднината.
„За мене Косово и Метохија е Србија, а Србите од Косово и Метохија се мои браќа и сестри и ќе се борам и ќе бидам со нив, без разлика на се. Мора да бидеме толерантни и трпеливи, но и одлучни, храбри и одговорни, за да ги зачуваме и животите и татковината. Нашата цел отсекогаш бил мирот и да ја турнеме цела Србија напред“, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со Кризниот штаб од барикадите, соопшти дека Србите денеска го прифатиле неговиот предлог за отстранување на барикадите, но дека немаат доверба во косовскиот премиер Албин Курти, а во случај да продолжи апсења и прогон, ќе поставуваат барикади кои нема да се отстранат.
На друг профил на Инстаграм тој објави видео со опис:
„Ако почнат да ве ловат како зајаци, тогаш е готово, тогаш веќе нема договор, нема ништо. Ако фатат еден од нас, или двајца од нас како зајаци, нема повеќе зајаци, тие зајаци стануваат волци“.