„Ограничувањето на цената на руската нафта ја ограничи заработката на Русија“, вели Јелен
Американската министерка за финансии Џенет Јелен рече дека ограничувањето на цената на руската нафта воведено од западните земји во декември ја ограничило заработката на Русија.
Според неа, оваа мерка очигледно ја исполнила целта да се задржи руската нафта на пазарот, а во исто време да се ограничи заработката на Русија.
„Иако ограничената цена на суровата нафта е на сила само околу еден месец, ние веќе видовме напредок кон исполнување на целта. Високите руски претставници признаа дека ограничувањето на цената на руската нафта ги намалило руските приходи од продажбата на енергетски производи“, рече Јелен на средбата со канадскиот министер за финансии Кристина Фриланд, пренесува Ројтерс.
Горната граница на цената на суровата нафта и забраната за користење на поморското осигурување од страна на западните осигурителни компании беа воведени на 5 декември од страна на земјите-членки на Г7.
Јелен нагласи дека енергетските пазари се уште се добро снабдени и покрај ограничувањето на цената на руската нафта и забраната за увоз на сурова нафта од Русија воведена од ЕУ.
Официјална Москва вети дека ќе ја забрани испораката на нафта за земјите кои се придржуваат до наметнатата граница на цената на руската нафта.