(ВИДЕО) Шокантно интервју на директорот за санкции, новинарот од „А1он“ разобличи куп лаги
Ендемска корупција има во затворите, потврдува директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски за „А1ОН“, но не чувствува одговорност за тоа. Според него, тој треба да остане на функцијата иако во затворите влегува дрога, некои затвореници се претепани, други се избодени со ножеви, трети умираат додека чекаат ресоцијализација.
Во интервјуто, Спасовски, кој народски кажано е татко на сите затвореници, за Сашо Мијалков гарантира дека нема да избега иако е сместен во затвор од отворен тип и против него се водат пет други постапки. Се согласи дека е привилегиран, а тоа го препиша како заслуга на оние што го советуваат.
Првиот човек на Управата за санкции, кој е одговорен за контроли на затворите и за работата на директорите, јавно призна дека барал разместување на Бојан Јовановски-Боки 13 во полошите услови за кои пишуваше „А1он“ во моменти кога неговото здравје се влошувало. Зборува и за замолчувањето на Боки 13 преку забраната за интервју, во кое затвореникот беше подготвен да сведочи за сѐ низ што поминал и да открие многу работи. Спасовски ги компромитира и актуелниот министер Никола Тупанчески и неговиот претходник Бојан Маричиќ признавајќи дека, иако законот не предвидува, тој ги прашал, а тие му кажале да не дозволува Боки 13 да се појави на јавно интервју.
Марјан Спасовски смета дека не е нешто чудно што има претепани затвореници во „Идризово“, кои избодени се носат во болница, што наркобос, наместо зад решетки, шетал на слобода и продавал дрога. Во интервјуто во детали се разговараше за овие состојби.