Серија експлозии во Мелитопол, има загинати
Украинските и руските власти известија за серија експлозии во украинскиот град Мелитопол, кој е под окупација на руските сили.
Серија експлозии го потресоа градот во петокот вечерта, според тамошните украински и проруски претставници, објави Си-Ен-Ен.
Украинските сили постојано го напаѓаа Мелитопол во последните недели во обид да ја вратат територијата на југот на земјата и да ја потврдат важноста на оружјето со поголем дострел.
Владимир Рогов, член на регионалната проруска воено-цивилна администрација, на Телеграм изјави дека вчера вечер по втор пат се слушнале серија експлозии во градот, додавајќи дека функционира системот за воздушна одбрана на руските вооружени сили против овие напади.
Рогов тврди дека вооружените сили на Украина го нападнале градот со тешка артилерија и повеќецевни ракетни системи и дека „делови од соборените ракети“ погодиле станбени куќи.
„Има штета, а пожарот избувна на местото на гранатирање на станбен дел од градот од страна на украинските вооружени сили. Има жртви“, рече Рогов.
„Се собираат податоци за жртвите“, додаде тој.
Во меѓувреме, Иван Федоров, украинскиот градоначалник на Мелитопол, во петокот на Телеграм изјави дека јужниот град се тресе од силни експлозии.
„Силата на ударот е таква што прозорците се тресат“, рече тој.