Двајца мажи за малку ќе се удавеа во течно чоколадо


Чоколадна фабрика во американската сојузна држава Пенсилванија е казнета откако двајца работници паднале во када со чоколадо и за малку се удавиле. Случајот датира од јуни 2022 година, но казната е изречена денеска, пренесува Ројтерс.
Американските регулатори за безбедност на работното место казнија една фабрика во Елизабеттаун откако двајца нејзини работници паднале во када со чоколадо и морале да бидат спасени. Казната е во износ од 14.500 долари.
Работниците не биле на договор за вработување на неопределено време – биле на привремена работа. Дваесетина спасувачи се обиделе да ги извлечат. Морале да направат дупка на дното на делумно наполнетиот резервоар со течно чоколадо за да ги извадат.
Еден од работниците со хеликоптер бил пренесен во болница, а другиот со повреди кои не се опасни по живот е оставен на лекување во локалната болница.
Извештајот на регулаторот го опиша инцидентот како „сериозен“ . Исто така, се вели дека работниците биле ангажирани да ги чистат резервоарите, а не да работат со супстанциите. Затоа немаат добиено соодветна обука за заштита при работа.
Забележано е и дека работниците паднале во резервоар за серии – када што се користи за мешање состојки.
Менаџер во фабриката за чоколадни десерти вели дека компанијата се согласила со наодите од инспекцијата и нема да протестира против казната. „Безбедноста на нашите работници е врвен приоритет“, рече портпаролот на компанијата.
