Боки 13 очи в очи со Абази, ќе му предава „бомби“ кои укажуваат на криминал
Снимки, фотографии, аудио записи, транскрипти. Ова се само дел од материјалите за кои Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека ги поседува и бара од шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал да го повика за да му ги предаде. Во новото писмо до јавноста, Јовановски-Боки 13 посочува дека бара да биде спроведен пред Абази, за кого наведува дека единствено му верува, со цел преку овие материјали да обелодени криминал.
Во писмото до јавноста испратено од неговиот правен тим се наведува: „Бојан Јовановски во писмото до јавниот обвинител истакна барање за поднесување на кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување. Со наведеното ја информираме јавноста дека започнува исклучително сериозен и сензитивен процес, дотолку повеќе што Бојан Јовановски при поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите , а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи ( т.н. “бомби” ) како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител од страна на Бојан Јовановски“.
До медиумите, Јовановски преку правниот тим го испрати и писмото кое го доставил до Абази. Во него стои дека ова ќе е продолжение на пријавите кои претходно ги поднел до скопското Обвинителство
„За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание. Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам веднаш и без одложување, да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесонео од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави“, стои во писмото од Јовановски-Боки 13 до Абази.
Во соопштението се повикува јавноста да го следи процесот и се посочува: „После започнување на овој процес ќе биде изложен на интензивирана тортура, притисоци и закани, па оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност“.