Свет

(ВИДЕО) Руските сопруги и мајки со порака до Путин: Престанете да ги испраќате нашите синови и сопрузи на „колење“

Група руски сопруги и мајки го повикаа претседателот Владимир Путин да престане да ги испраќа нивните сопрузи и синови на „колење“ во војната во Украина, без соодветна обука или материјали.

Во видеото објавено од независниот руски телеграмски канал СОТА, жените рекоа дека нивните најблиски биле „принудени да им се придружат на напаѓачките групи“ на почетокот на март и покрај само четири дена обука од нивната мобилизација во септември.

На видеото се гледаат жени кои држат знак на руски јазик, на кој пишува: „580-ти – посебен артилериски баталјон за хаубицери“, од 11 март 2023 година, пренесува Си-Ен-Ен.

„Мојот сопруг е на првата линија со непријателот“, вели една жена на видеото.

„Нашите мобилизирани мажи се испратени како јагниња на колење – пет против 100 непријатели вооружени до заби“.

Подготвени се да ѝ служат на татковината, но не се добро обучени.

Одлуката на Путин да испрати стотици илјади Руси да се борат на боиштата во Украина, предизвика гнев во јавноста и принуди многу Руси, особено млади мажи, да ја напуштат земјата.

„Побегнавме од Русија затоа што сакаме да живееме. Се плашиме дека може да не испратат во Украина“, изјави претходно за Си-Ен-Ен еден маж, кој сакаше да остане анонимен за да се заштити.

Семејствата на регрутираните Руси ја критикуваа мобилизацијата и наведоа голем број проблеми, како што се недостатокот на дисциплина и лидерство кај офицерите од среден ранг, непостоечка обука и логистички тешкотии како што се недостаток на униформи, лоша храна и недостаток на медицински материјали,пренесе Телеграф.рс.

На почеток