24 часа откако дознавме дека заради корупција е прекинат проект наменет за Судскиот Совет, Лога најмалку од срам требаше да даде неотповилива оставка, вели Алтернатива
Поминаа 24 часа откако од Холандскиот амбасадор дознавме дека заради корупција е прекинат проект наменет за Судскиот Совет, вели Алтернатива.
„Тежок скандал кој директно ги загрозува нашите Европерспективи. Не треба да се залажуваме и да мислиме дека ова е нешто што ќе помине за три дена. АлтернАтивА изразува длабока загриженост за ваквите одлуки на Кралството Холандија. Клучната дилема е дали се најавува нова пречка на патот кон ЕУ, сега заради високата корупција? Ако Владата навистина е толку посветена на Европскиот пат како што упорно се декларира во јавноста, тогаш не смее да молчи за овој тежок скандал. Наративот дека извршната и законодавната власт не се мешаат во третата, независна, судска власт одамна не поминуваат никаде. Особено заради бруталната партизација на секоја инстанца во правосудните органи.
Затоа, министерот за правда, Кренар Лога најмалку од срам требаше веднаш да ја депонира својата неотповилива оставка и јавно да признае дека Арбен Таравари, тој и Алијанса на Албанците се соучесници во партиските изживувања на ДУИ и СДСМ во правосудството на штета на стратешкиот колосек на државата. Изминуваат 7 месеци откако АлтернАтивА, уште како владејачка партија, предложи Уставен амандан за спречување на застареноста на кривични дела сторени со политичка корупција од избрани и именувани лица. Одговорен чекор кој директно ја адресира високата корупција во сите ешалони на власта. Предлог кој наиде на висок степен на разбирање од страна на нашите најважни меѓународни партнери. За жал, најодговорните во актуелната Влада, ДУИ и СДСМ, наместо да го прифатат амандманот, тие преку своите мегафони дневно партиски не обвинуваат дека наметнуваме наши услови за поддршка на процесот на Уставните измени. Домашната задача нема да ни ја заврши никој друг од надвор, туку само ние самите.
Нема бегање од болните теми. Порано или подоцна, соочувања со правдата мора да има. Токму сега е моментот сите парламентарни партии да се согласат да се интервенира во Уставот и да се создадат правни механизми кои ќе гарантираат дека ниту еден професионален политичар кој се огрешил нема да може да ја избегне правдата заради партиско влијание во правосудството. Очигледно е дека ЕУ интеграцијата на Северна Македонија веќе нема да зависи само од внесувањето на Бугарите во Уставот. Колку побрзо ја разбереме реалноста, толку подобро за сите“, се вели во соопштението.