Македонија

Дамева: Ниту требам, ниту сум морала да знам за судски постапки на мојот сопруг, ние дома не разговараме за судски работи

Експретседатеката на Судскиот совет, Весна Дамева, на денешната седница повторно е во центар на вниманието на колегите кои инсистираа да ги извести за судски спор на нејзиниот сопруг, изоставен во нејзините предлози за ревидирање. По получасовно препукување, Дамева потврди дека нејзиниот сопруг има постапка во која се јавувал како оштетен која била во Обвинителството, каде што како што рече, немало начин таа да влијае. Најави дека ќе го соопшти бројот на предметот за и колегите и јавноста да се уверат во она што го зборува.

„Слушајте го добро мојот одговор, јавноста ќе го има бројчето на предметот за половина час и ќе знае за која постапка се работи. Ве молам колеги треба да прекинете за да не се нарушува и мојот углед и угледот на Судскиот совет. И веќе за да го зачувам личниот интегритет немам намера ниту да седам на обвинителна клупа пред заменик-претседателот во оставка, ниту да расправам повеќе ниту да одговарам на прашања“, рече Дамева.

На ова реагираше потпретседателот Селим Адеми кој уште еднаш побара од Дамева да им достави комплетни информации и да извести во која фаза се предметите.

„Јас не сакам да кажете дека се прави хајка кога вие само известувате, но точно е дека вас добро ве научија, ви кажаа дека не може да покриете факти и аргументи дека сега не сте претседател на Судски совет и сега ќе се расправа за се. И за тоа што сакате вие и за тоа што не сакате вие. За ова ќе се расправа, ќе се утврди колку предмети има, а за тоа дека требало да знаеш-требало да знаеш, без разлика дека вчера си разбрала. Тоа ќе дојде кога ќе биде на седница точката“, рече Адеми.

Ова дополнително ја вознемири Дамева која повторно се јави за збор иако претходно беше децидна дека повеќе нема да коментира туку само ќе го соопшти бројот на предметот за нејзиниот сопруг.

„Ниту требам, ниту сум морала да знам за деловните обврски за судски постапки и било какви постапки за мојот сопруг бидејќи ние дома не разговараме за судски работи. Ниту тој знае што јас постапувам, ниту јас знам какви судски постапки се водат, тоа прво. Второ, мојот сопруг и кој било член на моето семејство нема законска обврска мене да ме известува за јас да ве известам. Да бидеме на чисто, ова е она што имам да кажам. Во овој момент знам за тоа. Во секој момент кога ќе дознам, ќе известам. Како ми кажуваат така известувам. И за разлика од членови на Судски совет кога можеби имале судир на интереси или одредени состојби, не известиле или кажале причина за изземање, јас тоа не го сторив. Јасно и гласно известив, да престанеме со ова зашто создаваме лажна слика“, рече Дамева.

Седницата на Судски совет и денес е тензична со низа меѓусебни обвинувања.

На почеток