Албанскиот премиер Еди Рама објави денеска дека вчера им го проследил на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц нацртот за заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, пренесува Радио Слободна Европа.
„Тука сум да ве информирам за еден досега непознат факт. Вчера им го препратив нацртот за ЗСО на Шолц и Макрон за што ги информирав и Шарл Мишел (претседател на Европскиот совет) и американската страна“, рече Рама.
Тој додаде дека документот е доверлив и изрази уверување дека станува збор за „документ на највисоко меѓународно ниво, кој ги зема предвид сите причини за создавање на заедницата“ и дека ЗСО ќе биде дел од Косово.
Албанскиот премиер рече дека не се консултирал со премиерот на Косово, Аљбин Курти, за изработката на статутот за формирање ЗСО и истакна дека е многу загрижен за ситуацијата во која се најде Косово.
Заедницата на општини со српско мнозинство е договорена во 2013 година во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово.
Две години подоцна, двете страни се договорија за принципите врз основа на кои ЗСО треба да се формира, но Уставниот суд на Косово утврди дека некои од нив не се во согласност со законите во Косово. Иако беше заклучено дека принципите може да се согласат со Уставот на Косово, косовските властите сепак одбија да ја формираат ЗСО.
Потоа, на крајот на февруари, двете страни го прифатија договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ, а анексот за негова имплементација беше договорен во април.
Меѓу другото, овие документи предвидуваат ЗСО во Косово да добие одредено ниво на самоуправување, а европските и американските претставници потврдија дека тоа, всушност, е заедница на општини со српско мнозинство.
Потоа, на почетокот на мај, српската страна го претстави својот нацрт-статут за формирање ЗСО, кој беше отфрлен од Косово наведувајќи дека официјален Белград сака „уште една Република Српска“ (еден од ентитетите во БиХ).
Косовскиот премиер Аљбин Курти, од друга страна, ја претстави својата визија за обезбедување одредено ниво на самоуправување на Србите во Косово.
Инаку, формирањето ЗСО е еден од условите Србите да се вратат во косовските институции, кои ги напуштија во ноември минатата година.