Украинската служба за внатрешна безбедност соопшти дека пресретнала телефонски повик, кој докажал дека руска диверзантска група ја разнела браната во Каховка, јужна Украина. Во меѓувреме, беше објавен и транскриптот од тој наводен разговор.
Аудиоснимката прикажува двајца неидентификувани мажи, кои очигледно разговарале за последиците од катастрофата на руски, пишува „Гардијан“.
Првиот говорник го почнува разговорот со зборовите: Вести. Вчера имаше видео на каналот „Телеграм“ – војник стоеше со покриено лице, во униформа. И вели дека нема поплави, дека луѓето живеат нормално. А зад него има прозорец и се гледа вода до колена.
Вториот говорник вели: Смешно е. Дали се работи за тоа што е уништена хидроцентралата?
Првиот говорник: Да. Главниот проблем е што хидроцентралата го лади нивниот нуклеарен реактор.
Втор говорник: Во ред е. Самите си го направија тоа. Ќе експлодира и толку.
Првиот говорник: Нашите момци го направија тоа. Не се тие, нашите се.
Втор говорник: Навистина, нашите се? Тие рекоа дека Хохолите (погрден термин за Украинците) го разнеле.
Прв говорник: Не го разнесоа. Нашата диверзантска група е таму. Сакаа да создадат страв со оваа брана. Не одеше според планот. (Се случи) повеќе отколку што планираа.
Втор говорник: Да, добро, се разбира. Ќе биде како Чернобил, нели?
Прв говорник: Изграден во 50-тите. Бргу падна.
„Ројтерс“ објави дека украинската служба не понудила дополнителни детали за разговорот или неговите учесници. Се вели дека почнала кривична истрага за воени злосторства и екоцид.
Русија го обвини Киев за уништувањето на браната.
Киев тврди дека уништувањето на браната е еколошка бомба за масовно уништување, а Москва тврди дека тоа е терористички чин извршен од украинските сили како дел од нивната контраофанзива.