Скопје

Непрописно одложен опасен отпад во Карпош

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје констатираше непрописно одлагање отпад од автомобилски гуми од страна на непознати сторители на улицата Никола Парапунов во скопската општина Карпош.

„Автомобилските гуми спаѓаат во категоријата опасен отпад и нивното одлагање на јавни површини претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота. ЈП Комунална хигиена-Скопје нема надлежност за
собирање и транспорт на овој тип на отпад. Апелираме до жителите на градот Скопје внимателно да ракуваат со опасниот отпад и да го одлагаат исклучиво кај колективните постапувачи, со што значително ќе придонесат за заштита на животната околина и јавното здравје.“ – истакна директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

Воедно, ЈП Комунална хигиена-Скопје учествуваше во координирана акција со градските јавни претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“ за чистење на реонот на Милениумскиот крст на планината Водно.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведоа метење и празнење на корпите за ситни отпадоци, како и подигнување на отпадот од Планинарскиот дом и околните угостителски објекти. Во рамките на акцијата беа собрани и транспортирани приближно три кубни метри мешан комунален отпад.

На почеток