Поранешниот директор откако ЗОО Скопје го загуби кандидатскиот статус: Ова е крај на се што се работело од 2007 до сега
Скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус да биде членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Молк од Град Скопје, но и директорот Зоран Попов, кои се точните причини и чија е вината што пропадна шансата за членство во престижната асоцијација, цел на која се работеше 16 години. Реакција има само од ексдиректорот Ѓорги Галетановски. По јавноста, и тој бара одговори.
„Не ми е се уште верно. Но ако е вистина ова е крај на се што се работело од 2007 до сега. Следеше само уште еден скрининг и ќе бевме членки на ЕАЗА-европската асоцијација на зоолошки и аквариуми. Нека се живи здрави животните што ги донесовме во ЗОО, Скопје повеќе нема европска зоолошка“, напиша Галетановски во својата реакција.
Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) е организација за Европската зоолошката градина и аквариум заедница. Работи со Европската програма за загрозени видови (ЕЕП). Организацијата е со седиште во Амстердам, Холандија. Членството во ЕАЗА е отворено за сите зоолошки градини и аквариуми низ Европа кои се во согласност со стандардите на асоцијацијата.