Култната пејачка, актерка и модел Џејн Биркин, почина на 76-годишна возраст.
Во неделата француските медиуми објавија дека англо-француската икона на стилот од 60-тите и 70-тите, која ја инспирираше дизајнерската чанта „Хермес Биркин“, била пронајдена мртва во нејзиниот дом во Париз.
Францускиот претседател Емануел Макрон се прости од Биркин на социјалните мрежи.
„Затоа што ја отелотворуваше слободата, затоа што ги испеа најубавите зборови на нашиот јазик, Џејн Биркин е француска икона. Комплетна уметница, со сладок глас и огнени ангажмани. Таа ни остави во наследство мелодии и слики кои никогаш нема да нè напуштат,“ напиша Макрон на „Твитер“.
Родена е во Лондон како ќерка на Дејвид Биркин, капетан на британската кралска морнарица и актерката Џуди Кембел. Биркин ја започна својата кариера како актерка. Таа се прослави во Франција, каде што се пресели во 70-ите.
Биркин беше во врска со Серж Генсбург, еден од најголемите кантавтори на француската шансона.
Во времето на најголемата слава, во 70-тите, таа беше светска модна икона, па луксузниот бренд „Хермес“ ја именуваше својата најпозната чанта по неа – „Хермес Биркин“.
Макфакс