Од „Единствена Македонија“ го повикаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да го уапси министерот за економија Крешник Бектеши за, како што велат, опасната саботажа против Владата и државата.
„Поминаа два дена од скандалозното признание на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Славјанка Петровска дека министерот за економија Крешник Бектеши ги лажел во владата во врска со рудникот Иловица- Штука во Струмичкиот регион.
Министерот Бектеши со ваквото противзаконско дејствие смислено го попречил и го довел во опасност правилното работење на владата. Ова е класична саботажа од министерот Бектеши против владата и државата“ изјави Јакимовски.
Според него, изненадува однесувањето на министрите Спасовски и Петровска, кои, како што рече, плачат по медиуми дека министерот Бектеши ги лажел во владата, наместо да постапат во согласност со своите уставни и законски овластувања.
„Дотолку повеќе, Спасовски и Петровска не се било какви министри, туку министри на луѓето во униформа, на полицијата и војската кои треба да го штитат редот и поредокот во државата. Цела Македонија гледа дека министерот Бектеши ја лажел владата за рудникот. Народот чека акција, а од министерот на полицијата Спасовски – молк.
Затоа, го повикуваме Спасовски веднаш да реагира и да го уапси Бектеши за опасната саботажа против владата и државата, бидејќи само со плачање на Спасовски по медиуми можат да настапат тешко отстранливи последици врз Републиката“ порача Јакимовски.
Макфакс