Општина Крушево заедно со спомен куќата „Тодор Проески“, меѓународната фондација Тоше Проески, СОУ „Наум Наумовски Борче“, ООУ „Никола Карев“ денес го одбележа 38-от роденден на Тоше со настап на Елена Ристеска и полагање свежо цвеќе на вечното почивалиште.
Како дел од програмата свое обраќање имаше градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
„Тоше е наше богатство и мора да го чуваме. Посакувам во иднина да организираме уште повеќе настани во чест на нашиот сограѓанин. Сакам да се заблагодарам на сите учесници во настанот, а особено до Елена Ристеска“, порача градоначалникот на општина Крушево.
Покрај Елена Ристеска настапија и младите таленти Сотираки Чакалар и Марија Котеска, учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“ рецитираа стихови од песни на Тоше, а беа доделени дипломи за најдобрите литературна и ликовна творба.
На настанот се обрати и директорката на спомен куќа „Тодор Проески“ Елена Мирчевска која порача дека заедно со вработените во спомен куќата работат на промоција и популаризација на овој објект со името на Тоше.