Двајца членови на американската морнарица се уапсени под обвинение за загрозување на националната безбедност на САД и дека се поврзани со Кина, објави АП повикувајќи се на неименувани американски претставници.
22-годишен морнар беше уапсен во средата под обвинение за шпионажа, што вклучуваше заговор за испраќање информации за националната одбрана до кинеските официјални лица, а друг морнар беше уапсен во поморската база Вентура северно од Лос Анџелес и обвинет за заговор и примање поткуп од кинески функционер, пренесува „Ројтерс“.
Односите меѓу САД и Кина беа затегнати во последните години поради низа прашања за националната безбедност и трговија, при што САД ја обвинија Кина за шпионажа и сајбер-напади, а Пекинг рече дека е изложен и на ризик од шпиони.
Други несогласувања меѓу САД и Кина вклучуваат забрани од САД за извоз на напредна технологија, државната индустриска политика на Кина, прашањата за човековите права, потеклото на пандемијата на Ковид-19, трговските тарифи и статусот на Тајван.
makfax.com.mk