Од 1 јули за секоја фискална сметка, ќе има 15 проценти повраток на ДДВ за секој граѓанин, најави премиерот Зоран Заев.
“Од 1 јули го стартуваме концептот повраток на ДДВ, односно од секоја издадена фискална сметка секој граѓанин ќе има 15% повраток на средствата. Проекцијата е дека најмалку 150 милиони евра годишно ќе се вратат назад кај граѓаните. Ова е само почеток на економските мерки, не застануваме тука. Ги враќаме парите назад кај граѓаните”, изјави премиерот Заев на трибината во Велес со наслов „Силна економија – шанса со сите“.
Доста е политика и политиканство, потенцира Заев. Македонија има капацитет и тоа мора да го искористи, да овозможи луѓето достоинствено да заработуваат и да живеат, младите да не си одат.
„Ветувам и храброст и одважност. Ќе правиме економија за достоинствен живот на граѓаните. Мора да имаме економски задоволни граѓани. Со сите политики, со стабилизирани финансиски аспекти, со пријатели по целиот свет, со фондови од ЕУ, и тоа како ќе го подигнеме стандардот. Најавувам храбри одлуки. Ве повикувам да ме следите. Да работиме сите, министри, администрација, општини. Ова наше парче земја да го направиме достоинствено место за живеење”, истакна Заев на трибината „Силна економија, шанса за сите”.
