На 19 август од 19:30 часот во Галерија „SpiritLab Space“, Окенхајм, Германија ќе биде отворена изложбата „Трепет“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 15 скулпторски дела од галериски формат,а публиката ќе има прилика да ја посети изложбата до 29 август.
„ Металните скулптури, добиени со сечење и со заварување, се изработени од инокс материјал кој, и покрај тоа што може да се смета за тешко обработлив, во реалноста се многу флуидни, пластични и пријатни за окото на гледачот. Скулптурите може да се преведат во различни метални симболи, обезбедувајќи им на гледачите приказ на изработка, со комбинирање на слоеви од метал, едноставност и безбедност на полираната текстура, во склад со уметничкиот ум. Поради тоа, делата на Слободан Милошески се со различна конотација во однос на претходните кои се од доменот на „академскиот пејзаж од механичко-кибернетичко потекло“, со еден поинаков вид на разбирање на односот помеѓу егзактните науки и точноста на уметничката френзија.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 29 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Макфакс