Aнтимакедонската и корумпирана власт на ДУИ И СДС, соочена со поразот на претстојните парламентарни избори, спрема терен за спас на своите криминали, кои секојдневно се откриваат во јавност, истакнуваат од Левицата.
„Во собраниска процедура се предложени измени на Кривичниот законик со ЕУ-знаменце, со кои:
– се брише казната затвор од минимум 5 години за местење тендери;
– максималната казна затвор за злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години;
Ова јасно покажува дека криминалната власт на СДС и ДУИ цели да се амнестира од кривична одговорност за нивното корумпирано владеење и потврдија дека Македонија е заробена држава, во која правосудството е продолжена рака на власта“, се наведува во соопштението од Левицата.
Со ваквите измени, оценуваат од оваа партија, се отвора можност за уште побрзо застарување на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери.
„Токму вакви законски измени бараше ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година со цел застарување на делата на обвинетите поранешните функционери. Ваквите скандалозни измени се спротивни на сите заложби со кои СДС дојде на власт и затоа овој хибриден режим, со октроиран премиер, нема никаков легитимитет за владеење. Потсетуваме дека Левицата преку своите пратеници Димитар Апасиев и Борислав Крмов предложи измени на Кривичниот законик, со цел зголемување на рокот за застареност на кривичното гонење, на извршување на казната, но и во поглед на прекинот на застарувањето на извршувањето на казната“, велат од партијата.
Појаснуваат дека суштинската промена, која Левицата ја предлага, е во апсолутната застареност, каде што предлагаат трипати да се зголеми рокот за застареност затоа што најголемите корупциски случаи застаруваат по овој основ. Ваквите измени, според Левицата, уште не се ставени на пленарна седница и за нив потребно е да гласаат 80 пратеници.
„Јасна е тенденцијата на власта дека по секоја цена сака да се спаси од кривичен прогон поради нејзиното корумпирано владеење. Владеењето на оваа гарнитура на политичари се претвори во најголема национална и економска катастрофа што ја претрпела Републиката, каде што единствена европска заложба е шверцот на штетни закони со европско знаме“, се истакнува во реакцијата на Левицата.
Макфакс