На трибината „ЕУ за македонското културно богатство“, во рамките на кампањата „Ние сме Европа“, која се одржа во Битола, покрај вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-амбасадорката на Република Чешка, Штајнер Вотавова, говорник беше и Филип Јовановски, визуелен уметник и културен работник.
Тој во своето обраќање ги сподели искуствата во разни проекти што ги користат преку европската програма за култура „Креативна Европа“ и што за независните институции од областа на културата значат можностите од оваа програма.
„Во моментот имплементираме проекти од ‘Креативна Европа’, партнери сме во три проекти и она што е уникатно за мене кога ќе споредам искуство со соработка со други донатори и поддржувачи е огромната слобода што ја имаме, мислам дека досега таков тип на слобода во програмирањето на културните активности сме ја немале, а ‘Креативна Европа’ тоа ни го овозможува. Тоа е многу битен аспект, особено за независна институција како нашата“, рече Јовановски.
Јовановски додаде дека другиот аспект што го нуди програмата „Креативна Европа“ е можноста за поврзување со високи професионалци од областа на современата уметници и култура од Европа.
„Годинава, имавме можност преку ‘Креативна Европа’, а во партнерство со Министерството за култура ,да имплементираме програма во која учествуваа 20-ина уметници од Северна Македонија во Република Чешка, и тоа беше комбинација на млади уметници и размена со автори од локалниот регион. Сега продолжува и во ноември, дел од програмата ќе се реализира кај нас“, посочи Јовановски.
Според искуството во оваа програма што го имаат културните работници, „Креативна Европа“ е можност за размена на знаење, преиспитување на идејата за заедништво и солидарност и размена на програми.
Според досегашната работа на проекти во рамките на оваа културна програма на ЕУ, за Јовановски, – соработката во рамките на „Креативна Европа“ е ренесанса и дава слобода. Тој нагласи дека ЕУ воведува нов начин на работа, со кој ги намалуваат бирократските процедури, се зајакнува доверба и ги зајакнува и развива малите организации.
Јовановски рече дека имаат голема поддршка и помош од Министерството за култура, со тоа што учествува и има удел во вкупниот буџет на програмата и на проектите и ги охрабри културните работници да ја користи програмата максимално бидејќи, како што рече тој, „ таа е отворена, слободна и поттикнува малите културни организации да се движат напред“.
„Креативна Европа“ е единствената програма на Унијата конкретно наменета за културните, креативните сектори и аудиовизуелниот сектор во Европа. Нашата држава и другите земји, со потпишувањето на меѓународниот договор помеѓу нашата држава и Европската Унија за учество во програмата „Креативна Европа 2021 – 2027 година“ во декември 2021 година, официјално се пристапи кон спроведувањето на третиот циклус од оваа програма на Унијата како единствен стратешки (политички) и финансиски инструмент на ЕУ наменет за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор.
Оваа програма за периодот од 2021 до 2027 година обезбеди 2,44 милијарди евра за поддршка на европската култура, достапни и за македонската. Министерството за култура е дел од разни европски проекти, а конкретно, во програмата „Креативна Европа“ учествува со вкупен износ од 1,14 милион евра.
Трибината „ЕУ за македонското културно богатство“ се одржа во Битола, а следната недела продолжува кампањата „Ние сме Европа“ во Прилеп.
Макфакс