Двајца гевгеличани учествуваа во одделни сообраќајни незгоди во Гевгелиско, во текот на вчерашниот ден, пришто едниот со возилото се превртел на коловозот откако ја изгубил контролата, а вториот излетал од патот.
МВР објави информации за двете сообраќајни несреќи:
„Вчера во 17.15 часот во Полициска станица Гевгелија е пријавено дека на локалниот пат 1108, с.Ново Конско – Старо Конско, патничко моторно возило „мерцедес“ со швајцарски национални ознаки, управувано од Ц.Ч.(37) од Гевгелија, изгубило контрола и се превртело на коловозот. По несреќата возачот Ц.Ч. е пренесен во Јавна здравствена установа Гевгелија каде му се констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од Полициска станица Гевгелија“.
„Вчера околу 21.10 часот на регионалниот пат 1102, клучка „Прдејци“– клучка „Смоквица“, во близина на бензинска станица, патничко моторно возило „митцубиши“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од П.Т.(51) од с.Богородица, изгубило контрола и излетало од коловозот. Во несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Јавна здравствена установа Гевгелија. Увид извршила увидна екипа од Полициска станица Гевгелија“.
Макфакс