Македонија

Грковска: Податоците им припаѓаат на граѓаните, носителите на функции да обезбедат целосна транспарентност на институциите

Грковска: Податоците им припаѓаат на граѓаните, носителите на функции да обезбедат целосна транспарентност на институциите

„Податоците и информациите што ги продуцираат институциите им припаѓаат на граѓаните, јавната администрација е сервис на граѓаните, кој е неопходно да биде целосно транспарентен, а истовремено носителите на функциите и институциите да бидат свесни и одговорни за потребата од транспарентност и отчетност пред граѓаните“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната јавна расправа за нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата (2023-2026), која е подготвена во соработка со Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

На овој документ работеше работна група, која ја сочинуваат клучни фактори во општеството, претставници на граѓанскиот сектор, претставници на медиумите, како и претставници од надлежните институции.

„Транспарентноста и активното објавување информации треба да се столб на секојдневното работење на државните институции. Во таа насока се и дел од процесите на дигиталната трансформација на општеството, кои треба да обезбедат целосно отворање на институциите за граѓаните. Изминатиов период воспоставени се низа механизми, кои обезбедуваат поактивна транспарентност, а еден од нив е и упатството за подобрување на транспарентноста на институциите, што на предлог на мојот Кабинет го усвои Владата, а со кое институциите се задолжуваат на своите веб-страници да објавуваат значително поголем број податоци“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Со стратегијата што денеска ја презентираме, додаде таа, се дефинираат потребните процедури и стандарди за транспарентност и отчетност, кренати на ниво што ќе обезбеди соодветна одговорност на сите јавни службеници и функционери пред граѓаните.

„Стратегијата ги насочува сите министерства и органите во состав, самостојните органи на државната управа, самостојните државни органи и управните организации што одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од Владата и акционерските друштва во државна сопственост да ја сфатат и да ја прифатат транспарентноста како начин на работење. Тие имаат обврска да бидат што е можно поотворени во своето секојдневно работење, да ги споделуваат сите информации со граѓаните, без да биде искористено правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер“, информира Грковска.

Таа потенцира дека целосната транспарентност е процес што не може да се постигне преку ноќ и за кој, пред сè, е неопходна промена на свеста во општеството, а за што придонес мора да дадат сите фактори во општеството. Придонесот што ќе произлезе од денешната јавна расправа, нагласи вицепремиерката Грковска, за работната група што работи на текстот на стратегијата за транспарентност на Владата ќе биде значаен патоказ за дополнително подобрување на документот.

Макфакс

На почеток