За враќањето евтина тарифа, кражбите на струјата и барањата за привилегии на Слупчане – интервју со Сашо Салтировски менаџер на ЕВН
Шест села во јуни беа без струја додека жителите на Слупчане го блокира влезот на екипите од ЕВН. Тие во повеќе наврати, поради диви приклучувања, предизвикаа дефекти во мрежата по што ги условуваа со барања екипите на ЕВН за да им дозволат да влезат во селото, а вработените во компанијата тврдеа дека постојано се соочуваат со вербални и физички напади.
Жителите на Слупчане бараа да им бидат простени долговите, највисоките сметки да бидат 3.000 денари и да добијат бесплатни приклучоци за нови куќи.
За проблемите со мрежата за струја, наплатата на струја и прекините на електрична енергија во Слупчане, зборува Сашо Салтировски менаџер на ЕВН Електродистрибуција.
Со поддршка на институциите ќе ги намалиме кражбите на струја и ќе ги реализираме планираните инвестиции во мрежата
До крајот на декември годинава сите достапни броила ќе бидат сетирани на дневна евтина тарифа. Екипите работат на терен со голем интензитет. За да ја обезбедиме оваа услуга, но и да ги намалиме загубите, во изминатите 15-тина години постојано работиме на спроведување на проектите за модернизација и реконструкција на мрежата на целата територија на Македонија меѓу кои и во Слупчане. Иако имаше одредени недоразбирања, по конструктивните разговори со жителите, активностите на терен започнаа и ќе продолжат во следниот период. Реконструкцијата и модернизацијата на мрежата е важна од повеќе аспекти, а особено и во контекст на обезбедување на технички предуслови за воведување на евтина тарифа на секое броило, уверува Салтировски.
За тоа како се одвиваат активностите на терен разговараме со директорот на ЕВН Електродистрибуција Сашо Салтировски, кој потенцира дека сите корисници се еднакви пред законот, потрошената електрична енергија мора да се мери точно и обврските за плаќање да се подмируваат навреме.
За неколку месеци треба да стартува евтината тарифа, која граѓаните ја очекуваат со голем интерес, особено во време на инфлација. Дали сите граѓани ќе имаат евтина тарифа?
Како што знаете Електродистрибуција постојано работи на модернизација и реконструкција на мрежата, а целта на овие инвестиции е унапредување на услугите и поголема функционалност на системот. Меѓу другото дел од овие проекти е промена на броилата односно поставување на смарт броила на достапни места, кои што постојано и во реално време ќе бидат достапни за граѓаните, но и за тимовите на Електродистрибуција. Досега инсталиравме околу 200.000 смарт броила. Кај сите овие корисници евтината тарифа ќе биде имплементирана на 01.12.2023 точно во 00:00 часот. Останатите броила ќе бидат сетирани при редовно отчитување, во текот на месец Декември. За да има секој потрошувач евтина тарифа важно е броилото да биде достапно, а не затворено во домот на корисникот или на друго непристапно место. Оттука сакам да потенцирам дека нашите инвестиции во изминатиот период се во интерес на корисниците. Сведоци сме дека нашите екипи при реализација на овие инвестиции во одредени региони наидоа на отпор, но успеавме на корисниците да им објасниме дека тоа е во нивен интерес. Така на пример сега во Арачиново сите броила се достапни и корисниците од ова село ќе имаат сетирана евтина тарифа навреме. Општина Липково ќе биде првата општина во земјава која ќе биде целосно покриена со смарт броила. Загубите веќе се на ниво на технички загуби, односно околу 10%.
Само пред неколку месеци имаше голем отпор во Слупчане. Што се договоривте таму?
Со жителите на Слупчане одржавме неколку заеднички состаноци на кои ги отворивме сите прашања. Ние го презентиравме проектот за модернизирање и реконструкција на мрежата и образложивме кои активности се во наша надлежност. Проектот за модернизација на мрежата, кој е во тек, како што и беше предвидено, ќе биде целосно реализиран. Притоа потенциравме дека на критичните точки во селото каде што се повторуваат дефектите ќе им се даде предност при реализација на проектот за модернизација на дистрибутивната мрежа, со што ќе се подигне квалитетот на услугата и ќе се намалат дефектите. По деталното разгледување на сите отворени прашања, присутните се согласија дека мерењето и фактурирањето на електричната енергија ќе се одвива согласно законски пропишаните правила за корисниците. Покрај тоа, ќе се имплементира проект со поставување на паметни броила, што е тренд во целата Европска Унија и истите ќе се постават на пристапни места. На овој начин жителите ќе добијат дополнителен увид во фактурите за електрична енергија на месечно ниво.
Дали ќе им се отпишат долговите?
Секако не. Постоечкиот долг ќе се регулира на законски начин кој што ЕВН го нуди на сите свои потрошувачи што имаат заостанат долг. Нашата компанија овозможува плаќање на долгот на рати, со што корисниците успеваат да ги расчистат старите долгови и тековните фактури во исто време. На жителите кои имаат потреба од склучување на договор за плаќање на долгот на рати, тоа и ќе им биде овозможено од страна на ЕВН, но притоа условот е редовно да се плаќаат новите сметки.
Дали ќе се прифати барањето на жителите на Слупчане, највисоката сметка без разлика на потрошувачката да биде 3000 денари?
ЕВН не ја одредува цената на електричната енергија. Цените за потрошена електрична енергија кои се утврдени од Регулаторната комисија и кои важат за сите граѓани без исклучок, ќе продолжат да важат на ист начин за сите.
Дали е точно дека ќе плаќаат по 6000 денари за нов приклучок?
И овој трошок е регулиран и строго определен од Регулаторната комисија, односно цената не ја одредува ЕВН. Цената за нов стандарден приклучок изнесува 22,745 денари и важи за сите корисници во државата, без исклучок.
Каква е соработката со институциите на терен?
Кога настана дефектот во Слупчане, за жал без електрична енергија останаа и корисници и соседни села кои редовно плаќаат. Освен домаќинства, тој реон има и голем број индустриски корисници. Очекувано, сите се заложија за брзо надминување на состојбата, користејќи ги сите можни начини, при што се инволвираа голем број на институции, политички претставници, невладин сектор и т.н. Во изнаоѓање на решение се вклучија и Владата, локалните власти и претставници на политички партии. Ние веднаш стапивме во контакт со релевантните институции, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, општината Липково со кои секогаш сме во директна комуникација и се ангажираат за да се изнајде решение и да се овозможи непречена работа согласно законот. ЕВН секогаш се стреми да има сигурно и доверливо снабдување со електрична енергија. Никогаш не се случило да игнорираме или намерно да оставиме дефект. Напротив, веднаш се користат сите расположливи ресурси и мерки и во таа насока ќе ја продолжиме соработката со институциите.
Колку се загубите во селото? Колку е наплатата?
Состојбата беше неповолна и затоа преку интензивна соработка со сите надлежни институции работиме на средување на состојбите на терен. Загубите пред имплементација на проектот беа 80%, а наплатата 20%.
Koj ги плаќа загубите, односно кражбите на електрична енергија?
Одговорот на ова прашање е дека некој со сигурност ќе ги плати, невозможно е поинаку. Оттука, уште поважно е овие отворени прашања што поскоро да се решат. Еве, да се обидам ова да го објаснам преку производ и бизнис кој е многу попознат за граѓаните. Да претпоставиме дека имаме една локална продавничка. За сопственикот да биде конкурентен мора да има цени и маржи кои се споредливи со другите маркети, во спротивно никој не би му ги купувал производите. Ако дел од граѓаните купуваат и плаќаат, дел земаат стока на цртка, вагата мери помалку, а дел од стоката се краде, маржата нема да може да ги покрие трошоците на сопственикот за плати, за набавка на нова роба, трошоци за вода струја итн. Сопственикот има три опции. Првата е да користи свои пари, доколку ги има, за да продолжи да работи маркетот, но тоа е неодржливо на долг рок, истиот во еден момент ќе банкротира и маркетот ќе престане да постои. Дополнително, нема да има доволно средства за да инвестира во бизнисот, да го прошири маркетот, да донесе нови производи, да го направи уште подостапен и поснабден за корисниците. Втората е да ги зголеми маржите, но во ваков случај нема да биде конкурентен и повторно ќе мора да го затвори маркетот. И третата е да се воведе ред и сите редовно да плаќаат за производите и да нема кражби. Со струјата е уште покомплицирано, затоа што овој маркет не смее да се затвори и да банкротира. Електричната енергија е столб на целиот општествен живот. Значи постојат две опции – да се зголемат цените, па одредени граѓани да плаќаат за неплаќањето и кражбите на други граѓани, што не е фер, или сите редовно да плаќаат за реално потрошената електрична енргија. Тука не зборуваме за социјално ранливите категории. Се разбира дека ранливите групи на потрошувачи треба да бидат поддржани со одредени мерки од Владата со цел да можат да ги платат сметките. Во овој момент има субвенција од 1000 денари за примателите на социјална помош и пензионерите во првата група на пензии. Добро е да се размисли за проширување на опфатот и за зголемување на субвенциите. Сите бевме и сѐ уште сме сведоци на енергетската криза со која се соочува Европа. Цените на енергенсите нагло пораснаа, а притоа и достапноста до истите не е секогаш сигурна. Ова е мотив повеќе да го цениме, штедиме, чуваме и надоградуваме она што го имаме. Во оваа насока, заедничката соработка помеѓу компанијата и сите институции кои даваат значајна поддршка во процесот е клучна.
Како е дојдено до ситуација да имате толку високи загуби во селото? Колку време не сте работеле во Слупчане?
Ако ја анализираме состојбата, ќе видиме дека некои од проблемите датираат неколку децении. Веројатно сите очекуваат да се најде виновникот, но тоа е невозможно. Има многу причини, главно социјално-економски, но и политички. Дури и ако ги најдеме виновниците, дали тоа ќе ни го реши проблемот, сам по себе. Сигурно не. Тоа што е важно е дека сега работите се променети и има општествен конзензус на оваа тема. Сега сузбивањето на кражбите на електрична енергија и редовно плаќање на сметките за електрична енергија има поширока подршка од јавноста и граѓаните, од политичарите и од невладиниот сектор. Наместо да гледаме наназад, најдобро е да се фокусираме на проблемот и со заедички сили да ги надминеме предизвиците и да создадеме функционален систем во кој сите ќе бидат третирани на еднаков начин и согласно закон. Ние и досега работевме на надминување на овој проблем. За илустрација, минатата година имавме 613 пријави за неовластено користење на електричната енергија кои се процесуираат до обвинителството и судовите. На пример, процесот на постапување по поднесените пријави за неовластено користење, брзината на решавањето и казнивоста од страна на судовите може значително да се подобри. Ова е клучен сегмент за успешно решавање на загубите на електрична енергија.
Дали е вистина дека вакви проекти се реализираат само во албански села?
Неоправдано е кражбите на електрична енергија и неплаќањето на сметките да бидат со етнички предзнак. Оваа е сосема погрешно. Во суштина причините се од социјално-економски карактер, но понекогаш и од лажни политички ветувања во минатото. Еве за пример: Тетово, Кичево и Струга имаат понски загуби од Прилеп. Тетово е еден од регионите со најниски загуби, споредено со другите поголеми градови. Општина Липково исто така е една од општините со пониски загуби и е прва општина во Македонија која што е скоро целосно покриена со паметни броила. Во изминативе десетина години овие проекти се реализирани во сите населени места во општината, освен во Слупчане. Региони кои што имаат потешка социјално-економска состојба или поединци кои што ги попречуваат нашите екипи има на повеќе места во државата, без разлика за кој град или регион станува збор. Слични проекти за модернизација на мрежа кои веќе се спроведени, се во тек или се планираат има и во Прилепско, Битолско, Струмичко, Штипско, Кочанско итн. И таму има поединци со кои сме принудени се справуваме со поддршка на институциите. Набрзо ќе излеземе со подетални информации за неодамна завршени проекти, кои исто така беа актуелни во јавноста, но еве, би ја искористил оваа прилика да соопштам дека загубите на електрична енергија во Арачиново и Грчец во месец Јули беа 10%, што е на ниво на технички загуби во мрежата. Сите активности на Електродистрибуција се спроведуваат непречено. Доколку има каков било предизвик од одредени поединци, институциите реагираат веднаш. Сигурен сум дека ова ќе биде одржливо решение и во иднина. После подолго време и општина Арачиново почна да ги подмирува сметките за водоводни пумпи, за улично осветлување и т.н. Ова значи поголеми приходи на општината по основ за улично осветлување. Овие проекти имаат поширок јавен контекст и бенефиции кои ги чувствуваат сите граѓани.
Зошто е дозволено да се направат милионски суми и толку долго да се толерира неплаќањето? Зошто не сте ги искчучувале и овие корисници како останатите на други места?
Ова е процес кој бара време и ресурси. Со вакви проекти започнавме од 2010 година. Досега се опфатени 100.000 корисници. Паметни броила имаме инсталирано кај 200.000 корисници. Проектот во Слупчане започна во Август и ќе се реализира во наредните 9 месеци. Модернизацијата на мрежата ќе обезбеди точно мерење и наплата на електрична енергија. Согласно нашите планови, со соодветна динамика ќе се спроведуваат вакви проекти и на други места низ земјата, со што дополнително ќе се подигне квалитетот на услугата. Набрзо ќе стартуваме со ваков проект и во Скопје, во централното градско подрачје, а со него меѓу другото ќе бидат опфатени и локалитетот на Серава, како и Старата скопска чаршија. Понатаму продолжуваме и со други региони и населени места во општина Сарај, како Крушопек, Кондово, но исто така и со проекти во општина Аеродром, како и во населбите Драчево, Лисиче и многу други.