Климатските промени, доброто владеење и антикорупцијата, олеснувањето на трговијата и транспортот, обезбедувањето безбедност на храната, како и управувањето со ризици од катастрофи – беа централни теми во обраќањето на министерот и актуелен Претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, кој денеска во Прага го отвори Форумот на економската и еколошката димензија на ОБСЕ.
Овој Форум е организиран во рамки на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, а се одржува денес и утре на тема „Промовирање на безбедноста и стабилноста во регионот на ОБСЕ преку постигнување одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст“. Настанот претставува, како што рече Османи, можност за потенцијални решенија за некои од најголемите предизвици на нашето време, опфаќајќи ги сите клучни приоритети на Претседателството кои се централни за мандатот на Организацијата во нејзината втора димензија.
Османи во своето обраќање, зборувајќи за климатските промени, рече дека мора да се преземат итни заеднички мерки за ублажување на распространетите последици, споменувајќи ги страшните поплави во Бугарија, Грција, Турција, Словенија, Австрија и други земји; потоа шумските пожари во САД, Канада и неколку европски и азиски земји, но и разорните земјотреси во Турција и неговата околина, како и најновиот во Мароко. „Сите овие се страшни потсетници за итноста од координирани напори и плодна заедничка акција во корист на безбедноста на животната средина“, рече Османи.
Тој потсети и дека како Претседавач со ОБСЕ назначи и специјален претставник за климатски промени со цел дополнително подигнување на свесноста и изнаоѓање потенцијални решенија за ублажување на овие горливи предизвици.
„Климатските промени се убедливо најитниот предизвик на денешницата и утрешнината. Сепак, постојат многу други долготрајни предизвици кои и натаму продолжуваат да нè мачат“, рече Османи. Тој додаде дека во исто време, глобализацијата и економската меѓузависност трајно ги променија нашите општества, а пак големите кризи во последниве години покажаа колку нашите синџири на снабдување можат да бидат ранливи и да влијаат на безбедноста. Меѓу другото, ова важи и за безбедноста на храната, земајќи предвид што луѓето ширум светот најмногу страдаат поради зголемените цени и попречениот пристап до житото, од кое толку многу зависат.
„Земјите-учеснички на ОБСЕ беа посветени на олеснување на трговијата и транспортот како важен дел од нивната економска соработка. Во нашиот регион, ‘Агендата за поврзување’ на Западен Балкан, зајакната од ЕУ, е вреден пример за соработка на членките на ОБСЕ – ЕУ и земјите од Западен Балкан, што веќе резултира со проширување на трансевропските мрежи и започнување на регионални иницијативи. Затоа, понатамошен дијалог е од клучно значење за поттикнување на економскиот раст на земјите од ОБСЕ, а во исто време, за зајакнување на стабилноста и безбедноста“, порача Османи.
Османи на отворањето на Форумот зборуваше и за корупцијата, како повторлива болест во регионот на ОБСЕ. Оттука, тој повика на јасна одлучност, координирани напори и политичка волја за справување со нејзините негативни последици. Во тој контекст, ја најави и регионалната конференција за борба против корупцијата во организација на Претседателството која ќе се одржи кон крајот на октомври.
„ОБСЕ има силен мандат во оваа тематска област и ние ќе продолжиме да ги фокусираме нашите заеднички напори во поттикнувањето на транспарентноста, отчетноста и доброто владеење во јавниот и приватниот домен“, истакна Османи.
Тој своето обраќање го заврши со повик до земјите-учеснички на ОБСЕ на заедничко дејствување и одлучност во обезбедувањето заеднички решенија за луѓето и нивната иднина.
„Пред нас имаме непредвидлив и несигурен пат, но и најдолгиот пат не треба да нè обесхрабри да најдеме решенија и подобри начини за нас и за следните генерации. Како организација и држави-учеснички, ние мора да обезбедиме издржливост, визија и алатки за да се соочиме со овие и други итни предизвици. Тоа е нашата задача. За тоа е основана ОБСЕ и тоа е она за што јас како Претседавач ќе продолжам да работам“, заклучи Османи.
Макфакс