Македонија

ССНМ и ЗНМ ја осудуваат серијата откази во Клип медиа груп: Чинот е нехуман и нечовечки

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со огорченост ја примија веста за тековната постапка на отпуштања во една од најголемите медиумски групации во Македонија, Клип медиа груп особено што најголем дел од нив се спроведуваат без никаква основа, со непочитување на основните работнички права и со нарушување на повеќе членови од Законот за работни односи.

„ССНМ и ЗНМ ја алармираат јавноста, државните органи и пред се, медиумската популација за чинот кој е нехуман, нечовечки и потсетуваат дека истиот тргна со принуда и со понижувачки понуди за работниците, а по реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници беше изменет во, за нијанса, подобри услови.

Отпуштањата по кратка постапка во неколкуте релевантни медиуми (Макфакс, Репортер, УСБ, Топ Спорт) ќе ги стави колегите и колешките новинари и медиумски работници во крајно неповолна положба и ќе ги усложни состојбите во оваа професија и тоа во ситуација кога во земјава има недостаток на кадар за медиумите. Предупредуваме дека ова ќе се одрази и на интересот на младите да се занимаваат со новинарство, камера, монтажа и се што е неопходно за функционирање на медиумите.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија не ја спорат определбата на сопствениците да реструктуираат и да ги трансформираат своите изданија, но предупредуваат дека тоа мора да оди по строго утврдени правила и критериуми, и согласно законите. Во исто време ваквите итни постапки и групни отпуштања создаваат лоша клима во медиумската сфера и ќе остават последици за сите, па и за споменатите медиуми односно нивните сопственици.

Оваа постапка на раководството на Клип медиа груп е во спротивност на стратешките определби на ССНМ и ЗНМ кои за цел имаат ваквиот начин на неиздржано менување на персоналот по брза постапка да биде засекогаш искоренет во земјава. Од тие причини двете организации се со целосна поддршка за колегите, а ним, на располагање ќе им бидат ставени сите ресурси што ги имаат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија“, стои во реакцијата.

На почеток