Македонија

Нов граѓански протест против состојбите во здравството: Не е скандал само Онкологија

Нов граѓански протест против состојбите во здравството: Не е скандал само Онкологија

Во понеделник во 18 часот пред Владата ќе започне уште еден протест против начинот на кој се води случајот со Клиниката за онкологија. Протестот од Влада ќе продолжи пред Зградата на ОЈО каде ќе се бара судска разрешница за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

– Скорешните измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме, велат од граѓанската иницијатива.

Протестот в понеделник е организиран поради новиот скандал врзан со немањето евиденција на Клиниката за онкологија за починатите пациенти во домашни услови и требување на лекови за црн пазар, наместо за пациентите.

Клиниката за онкологија ги води како живи пациентите кои некогаш се лекувале таму, а потоа починале во домашни услови, објаснуваат од иницијативата и велат дека причината за ова е постоењето на два системи кои ја организираат работата со пациентите: „Мој термин“ и „УЛТРА“, но во ниту еден од нив не била регистрирана смртта на пациентите пуштени на домашно лекување.

– Системот „УЛТРА“ е местото каде се заведува каков лек примил секој пациент и по однос на заведеното се прават требувањата од одделот до аптеката. Согласно ова, за пациенти кои се починати дури и пред десеттина години, на нивното досие во „УЛТРА“ почнувале да се лекуваат други пациенти. Ако се земе предвид дека овој пропуст постои уште од првиот ден кога е воспоставен овој систем, и за проблемите и пропустите во истиот знаат од директорите на Онкологија до сите министри за здравство изминативе години, тогаш нема сомневање дека системскиот пропуст е намерен, велат организаторите на протестот.

Тие бараат брза и ефикасна правна разрешница и одговорност од сите што биле и се инволвирани во злоупотребите за кои биле користени лични податоци од починати лица.

Бидејќи барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела не е исполнето, граѓанската група најавува интензивирање на протестите. Тие бараат истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, како и проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, а да се направи целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија.

Освен за скандалот со Онкологија, граѓанската група бара обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово и одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.

Макфакс

На почеток