Италијанскиот премиерлигаш Емполи објави дека го отпушти 40. годишниот тренер Паоло Занети. Оваа одлука е резултат на поразот од 0:7, во неделата на гостувањето кај Рома во четвртото коло од Серија А. Емполи е на дното во италијанското првенство без освоен бод во четири натпревари.
Занети ја презеде тренерската функција во првиот тим на почетокот на минатата сезона, во која Емполи го освои 14.место во Серија А. Но, на четири натпревари од новата сезона, Емполи не постигна гол, а прими 12.
Пред да дојде во Емполи, Занети влезе во Серија А со Венеција од втората лига, но доби отказ во април 2022 година по серијата од осум порази. Таа сезона Венеција испадна од Серија А.
Според италијанските медиуми, на клупата на Емполи ќе се врати Аурелио Андреацоли кој беше заменет со Занети како тренер на првиот тим. За Андреацоли тоа би бил четврти тренерски мандат.
Во недела на стадионот „Карло Кастелани“, Емполи ќе го пречека лидерот на табелата Интер.
Макфакс