Последниот кум на сицилијанската мафија, Матео Месина Денаро, кој своевремено изјави дека убил доволно луѓе за цели гробишта, денеска беше погребан во својот роден град Кастелветрано на Сицилија во присуство на неколкумина членови на семејството, на кои им беше дозволено да присуствуваат.
Месина Денаро беше уапсен во јануари оваа година по три децении бегство од полицијата, а почина во понеделникот од тешка болест во болница во централна Италија.
Неговиот ковчег, придружуван од полиција, беше пренесен на половина пат низ Италија во текот на ноќта, а мртовечката кола пристигна во југозападниот сицилијански град Кастелветрано рано утринава и влезе во гробиштата по спореден пат заобиколувајќи ги станбените области за да избегне изливи на сочувство или гнев од локалните граѓани.
Седум луѓе одеа зад погребната кола, а едно лице носеше огромен букет жолти цветови. На гробиштата влегоа и три автомобили со блиски роднини по што полицијата го затвори влезот за да ги спречи новинарите да влезат.
Погребот се одржа без богослужба.
Денаро беше осомничен за многубројни убиства и други кривични дела.
Нему му беше судено во отсуство во 2002 година и беше осуден на доживотен затвор за многу кривични дела вклучувајќи ја и неговата вмешаност во убиството на најпознатите обвинители, кои ги гонеа мафијашите – Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.