Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини рече дека Италија ќе ги затвори аеродромите за авионите кои без дозвола ќе носат мигранти од Германија. Италијанскиоит весник „Република“ пренесува дека германската агенција за бегалци испратила десетина писма до мигрантите, советувајќи ги да се вратат во Италија, можеби со чартер летови, а прв таков трансфер, како што се наведува, е планиран за 9 октомври.
„Ако некој во Берлин или Брисел мисли во Италија да истовари десетина мигранти со недозволени чартер летови, треба да знае дека нема да има расположлив аеродром“ соопшти Салвини, пренесе Ројтерс.
Италијанскиот министер најави дека властите на неговата земја ќе ги затворат и аеродромите како што ги затворија пристаништата.
Германскиот министер за внатрешни прашања, Хорст Зехофер, ја повика канцеларката Ангела Меркел и италијанскиот премиер Џузепе Конте да интервенираат и да стават крај на оваа напната ситуација.
