Магазин

„ПМГ рекордингс фестивал 13“ во две вечери со фантастична програма од домашни и странски изведувачи

„ПМГ рекордингс фестивал 13“ во две вечери со фантастична програма од домашни и странски изведувачи

Во две фестивалски вечери, на 7 и 14 октомври, „ПМГ рекордингс фестивалот“ оваа година нуди извонредна програма од актуелни и висококвалитетни домашни и странски имиња од сферата на електронската, поп, рок и џез-музиката.

dobivaj vesti na viber

Првата фестивалска вечер закажана за 7 октомври ќе биде во скопскиот клуб „Станица 26“. Специјален гостин на оваа вечер е хрватската музичка дива САРА РЕНАР, која го носи статусот на една од најдобрите и најхрабри пејачки текстописци од новата генерација на Балканот. Нејзиниот музички стил може да се опише како експериментален поп, со суптилни мелодии на електронски и театарски елементи. Зад себе има пет студиски албуми, повеќе регионални награди и речиси илјада концерти во живо. Нејзините најнови настапи се опишани како експлозивна електропанк-забава.

Од домашната сцена претставуваме два големи бенда со импозантна дискографија и многубројни концерти.

„ПМГ колектив оркестар“ е звукот на модерно Скопје. Автентична линија на сочност, која се развива и менува повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. 9 студиски албуми, двоен винил со најголемите хитови, многубројни ЕП, синглови, компилации, видеозаписи, ремикси и неколку македонски и европски турнеи. Моментната инкарнација на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат музичка правда и зрели аранжмани на сите познати ПМГ-песни („Скопјанка“, „Манекенки“, „80-ти“, „90-ти“, „Ти си мојот свет“, „Луѓе од градови“, „Деца на два века“…), максимално задоволувајќи ја публиката на концертите.

„Сетстат“ без двојба е најквалитетниот и најдолготраен џез-состав, кој во континуитет работи повеќе од триесет години во нашата земја. Фантастичен бенд, добро обучен во т.н. уметност на џезот со познавање на речиси секој стил што некогаш се појавил. „Сетстат“ има издадено 10 студиски албуми. Нивниот концерт на „ПМГ рекордингс фестивал“ во 2021 година, издаден како албум во живо со наслов White Night за „ПМГ џез“, беше избран како едно од најдобрите џез-изданија на музичката платформа Bandcamp за јануари 2022 година. Во 2004 година нивната композиција MVP беше број 1 на листата на Top Downloads 200 на реномираниот џез-портал All About Jazz website. Во 2015 нивниот албум „Се плашам од Македонци“ (заедно со Никола Коџабашија и Мирко Попов) беше прогласен за албум на годината, според култното скопско радио „Канал 103“. Со повеќе од 30 години активна работа „Сетстат“ е бенд што бележи континуирана и активна концертна активност како во домашен така и во меѓународен контекст.

Концертниот дел од програмата го затвораме со настапот на АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (Александар Гавровски). Неговиот прв студиски албум „Првиот Македонец во вселената“ излегува во 2018 година за издавачката куќа „Балкан Велики“, со кој впечатливо и лесно ја освојува домашната публика. По него, следуваат „Мирно лето“ (2020) и „Голем“ (2023), обата албума во издание за „ПМГ рекордингс Скопје“. Неговиот последен албум изобилува со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера. Лириката на Александар Велики е во правопропорционален развој со квалитетот на музиката, па „Голем“ е секако неговиот најдобар албум до сега, кој воедно и ќе биде музички изведен на фестивалот.

Програмата по полноќ носи дел од електронската музичка сцена со настапи на добро познатите ПМГ-диџеи Мирко Попов, Илина Ангеловска и Виолета Качакова, кои гарантираат добра журка и загревање на атмосферата за танц.

Втората фестивалска вечера е закажана за 14 октомври, каде што на сцената на Младинскиот културен центар во дансинг-салата во живо ќе настапи светски познатиот музичар и инструменталист Метју Џонсон од Канада. Се работи за водечко име на електронската музичка сцена, човек што со децении владее на светските подиуми и врвни музички фестивали. Со него сцената ќе ја поделат звучни имиња од македонската електронска и поп-музичка сцена, како Young Dadi, 5R+Domchuga, Горан Кан, Андреја Салпе и Вански.

„ПМГ рекордингс фестивалот“ е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, со речиси 300 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последните децении.

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Македонскиот реномиран уметник и професор Велимир Жериновски отстапи свој цртеж од серијата :Memoris#000: за изработка на визуелниот промотивен материјал за годинешниот фестивал.

На почеток