Македонија

(Видео) Мечка се спушти во Жировница

(Видео) Мечка и вечерва се спушти во Жировница

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, објави видео од мечка во селото Жировница.

„Вечерва низ тесните улички на селото Жировница… Проблемите и опасностите секогаш изгледаат поедноставно кога се гледаат од безбедна далечина на ТВ, лаптоп или мобилен телефон“, напиша Ангелов во описот на видеото, на кое се слуша како мештаните со викање се обидуваат да го оддалечат животното од селото.

Деновиве Општина Маврово и Ростуше поднесе барање до Владата за прогласување кризна состојба поради големиот број мечки кои, како што наведуваат од Општината, претставуваат опасност за животот и имотот на жителите.

Владата, на денешната седница, го разгледа Записникот од седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот на управување со кризи. Отстрел на заштитената кафеава мечка ќе нема. Се наведува дека во најкраток временски период треба да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.

Кафеавата мечка во Македонија е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид.

На почеток