Македонија

Предлог-законот за помилување доставен во владина процедура

Предлог-законот за помилување доставен во владина процедура

Министерството за правда го достави предлог-законот за помилување во владина процедура.

„Министерството за правда минатата година формира работна група составена од претставници од релевантните институции од правосудството, како и претставници од претседателот на Република Северна Македонија и од научната фела. При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства, од кои посебно се значајни решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи“, велат од Министерството за правда.

​Како што дополнуваат, причините за донесување на законот за помилување, пред сè, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон, кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања, кои се предлага да бидат регулирани со новиот закон.

„Постојниот Закон за помилувањето беше донесен во 1993 и тој претрпе многубројни измени и дополнувања, а одредени одредби беа укинати од страна на Уставниот суд. Клучните новини содржани во предлогот на законот се: прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението во согласност со кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Мошне значајни се и решенијата со кои е детаљно разработена постапката за помилување, каде што се предвидени кратки рокови за секоја од институциите што се вклучени во постапката за помилување. Притоа тука се значајни и конкретните одредби за одговорност на лицата што постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени“, истакнуваат од Министерството за правда.

На почеток