Спречен е обид за шверц на поголема количина рачен и индустриски алат, како и мобилна галантерија во вкупна вредност од 355 илјади денари, што двајца македонски државјани се обиделе нелегално да ги внесат во државата преку граничниот премин Блаце.
Поради сомнеж, возилата биле селектирани за детален преглед. Притоа во едното возило во багажниот простор е откриен рачен и индустриски алат со вкупна вредност од 83.841 денар, што лицето не го пријавило кај царинските органи, со што сакало да избегне плаќање царина и ДДВ во вкупен износ од 16.241 денар, објави Царинската управа.
Во второто возило во пределот кај совозачкото седиште и зад него, како и во багажниот простор, се откриени 453 парчиња мобилна галантерија – слушалки, полначи и кабли за полначи, заштитни стакла, аудиоадаптери, микро СД-мемориски картички и заштитни стакла за мобилни телефони. Вкупната вредност на непријавената мобилна галантерија изнесува 271.167 денари за која лицето требало да плати вкупно 51.547 денари за царина и ДДВ.
Стоката е одземена, а против лицата се поднесени соодветни пријави.