Македонија

Премиер Албанец на почетокот на јануари предложен од ДУИ, за Османи доминантно е размислувањето изборите да бидат заедно

Премиер Албанец на почетокот на јануари предложен од ДУИ, за Османи доминантно е размислувањето изборите да бидат заедно

Демократската унија за интеграција (ДУИ) размислува претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека партијата се уште нема формална одлука оти телата не се состанале, но членството размислува за терминот за избори. Има расположение за сите опции оти сметаат дека ДУИ победува во која и да е варијанта.

„Има едно доминантно размислување дека од логистичко-финансиски аспект и од административен аспект можеби ќе биде претешко за државата да има два изборни циклуса на три месеци, дека ќе се парализираат институциите, дека ќе биде премногу голем трошок, тој аспект се размислува. Затоа има едно размислување дека можеби треба да бидат во ист ден и претседателските и парламентарните избори, но отворени сме за сите опции. Одлука нема. Ќе се обидеме да аргументираме со политичките партии чисто од логистичко финансиски аспект дека можеби е тоа подобар пристап“, рече министерот Османи.

Кога и да се договорат парламентарните избори Османи нема дилема дека премиерот ќе биде Албанец, кој ќе го предложи ДУИ. Ако парламентарните избори се одржат во вториот круг од претседателските избори напролет, премиер Албанец ќе има во јануари.

„Договорот за премиер Албанец е постигнат уште при формирање на Владата, дека последните сто дена премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ и тоа очекуваме да се случи. Доколку изборите се заеднички тоа значи дека почетокот на јануари треба да почнат тие сто дена. Премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ“, вели министерот Османи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери им даде рок на политичките партии да се договорат за датум на изборите следната до Нова година. Доколку во тој рок нема договор, Џафери најави дека тој ќе го одреди датумот за претседателските избори и нема да дозволи да не се почитуваат законските рокови за избор на новиот претседател на државата.

На почеток