Македонија

(Видео) Ковачевски-Бесими: Буџетот за 2024 е развоен, целосно се обезбедени повисоките пензии и плати, 733 милиони евра капитални инвестиции

(Видео) Ковачевски-Бесими: Буџетот за 2024 е развоен, целосно се обезбедени повисоките пензии и плати, 733 милиони евра капитални инвестиции

Владата на Република Северна Македонија денеска на редовната седница, на предлог на Министерството за финансии, го усвои Предлог-буџетот за 2024 година. Цели на буџетот за следната година се да обезбеди забрзување на економскиот раст, да осигура фискална одржливост и да овозможи редовна исплата на сите обврски, вклучително и повисоки плати, пензии, социјални права, поддршка на претпријатијата и земјоделците , како и граѓаните. Предлог-буџетот, кој Владата ќе го достави до Собранието, на конференција за печат, на јавноста и го претставија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и непречено спроведување на изборните активности“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека Буџетот трета година по ред се планира во услови на изразена неизвесност, надворешни ризици и неповолни трендови во глобалната економија и дека Предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија. Во 2024 година се очекува раст на економијата од 3,4% во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, додека стапката на инфлација се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6%.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари (31,6% од БДП) и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари (35% од БДП) или за 5,8% повисоко во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари. Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти.

Министерот за финансии Бесими подвлече дека вака структуриран буџетот, со едновремено намалување на расходната страна и подобрување на наплатата на давачките на приходната страна, ја одразува заложбата на Владата за фискална консолидација, односно намалување на дефицитот.

„Предлог-буџетот ги има сите карактеристики едновремено да го поддржи развојот, но и да обезбеди фискална одржливост, што е од големо значење за економија во развој како нашата. Развој и одржливост – тоа се двата клучни збора кои го опишуваат буџетот за 2024 година. Буџетот за 2024 година е развоен, поради продолжувањето на инвестициите во инфраструктурата, односно најголемиот инфраструктурен циклус во историјата на нашата држава. Буџетот е одржлив, бидејќи и покрај силната инфраструктурна компонента и надворешните предизвици, продолжуваме со фискалната консолидација, односно го намалуваме и понатаму буџетскиот дефицит на 3,4% (скоро една третина во однос на оваа година кој изнесува 4,8%)“, потенцира Бесими.

Тој додаде дека за реализација на планираниот инвестициски циклус во Буџетот преку капитални расходи се планирани 45,1 милијарда денари за инвестиции во веќе започнатите инфраструктурни проекти, како патна и железничка, енергетска и комунална инфраструктура, во здравството, образованието, социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштита на животната средина и правосудството.

На прес-конференцијата беше истакнато дека со Предлог-буџетот за 2024 година се продолжува воспоставената пракса за почитување на златното правило во јавните финансии, односно дефицитот да е помал од капиталните расходи и се обезбедуваат и средства за системски воспоставените механизми за понатамошно зголемување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, зголемување на пензиите и повеќе средства за општините.

„Само за исплата на зголемените плати во овој Предлог-буџет се обезбедени дополнителни 160 милиони евра, дополнителни 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии, а истовремено имаме номинално понизок дефицит во однос на оваа година за 150 милиони евра, тоа се средства со кои се прави заштеда и значи помало задолжување“, рече министерот Бесими.

Со Предлог-буџетот за 2024 година за тековните расходи се планирани 298,6 милијарди денари, со кои се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор и нивно усогласување со Општиот колективен договор, навремена и редовна исплата на пензии и нивно усогласување согласно системското решение, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството. За трансфери и субвенции се планирани 215,2 милијарди денари, кои се за околу 5% повеќе во однос на 2023 година. За исплата на пензии согласно новата утврдена методологија, се планирани 83,6 милијарди денари. За исплата на надоместоци за социјална заштита 13,5 милијарди денари. Дополнителни 1,5 милијарди денари се за таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани. За активни мерки и политики за вработување 2 милијарди денари.

За здравствена заштита се предвидени 45,7 милијарди денари со кои ќе се финансираат здравствените услуги, исплата на обврски на јавните здравствени установи, програмите за лекови, меѓу кои и за лекот за цистична фиброза – Трикафта, како и обезбедување средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.

Предвидени се средства за исплатата на земјоделски субвенции, субвенции за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично.

Со Буџетот за 2024 година се обезбедуваат и повеќе средства за трансфери до единиците на локалната самоуправа во износ од 29,7 милијарди денари. Општините ќе добијат 787 милиони денари односно 15,5% повеќе средства врз основа на планирано зголемување на процентот на приходите од ДДВ кои се распределуваат на општините од 4,5% на 6% од наплатениот ДДВ во претходната година. Дополнителното зголемување од 2,5 милијарди денари е обезбедено за финансирање на зголемените плати на вработените во институциите на локално ниво.

На почеток