Градежни работници со лимени тараби ја оградуваат парцелата за изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“. За овој објект жителите на Аеродром алармираа дека ќе направи еколошка катастрофа бидејќи се гради на зелена површина, а за да се изгради, пак, паркинг за зградата, урбанистичкиот план предвидува сеча на дрворед и ново уништување на зеленилото.
Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење и да ги послуша граѓаните. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата.
Парцелата пред „Мајчин дом“ во Аеродром, со површина од 3.538 квадратни метри, пред десетина години како државно земјиште беше продадена и приватизирана, но без право на градење сè до донесувањето на спорниот план лани во октомври кога на локацијата беше предвидена деветкатница. Како сопственик на парцелата лани, по усвојувањето на планот, фигурира компанијата „Масив констракшн“, која се поврзува со бизнисменот Орце Камчев, но сопственоста се смени на крајот на минатата година кога како сопственик на парцелата се појави Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги „ЗСФ – ком“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, сопственост на Фатмир Етеми, поранешен пратеник од ПДПА – НДП.
Од „ЗСФ – ком“ не одговорија на прашањата дали веќе имаат одобрение за градење и колку пари од оваа фирма се слеале во буџетите на Градот и Општината по основ на комунали. Не одговори на прашањата за одобрението за градење ниту градоначалникот Златко Марин.