Македонија

Наводен оџа од Косово лажеше дека Вања е најдена и ширеше морбидни коментари – МВР и меѓународната полиција му ја бараат локацијата!

Профил на „Фејсбук“ кој се претставува во име на „Џамија во Подујево“, а со фотографија од имамот Арбер Бериша, предизвика паника со коментари под објавата за исчезнатата Вања Ѓорчевска, објавени на профилот од нејзината мајка. Вчера во попладневните часови, од овој профил беа објавени коментари со содржина: „Јавете се“, „Девојката е кај нас“, за денеска да објави нови погрдни и морбидни коментари со пцовки. „Скопје1“ го извести МВР, кое пак, преку меѓународна соработка работи на лоцирање на сопственикот на профилот, со цел, санкционирање.

Дел од морбидните коментари објавени кај мајката (цензурирани поради паниката која ја предизвикуваат во јавноста)

„Ве известуваме дека Секторот за компјутерски криминал во соработка со Секторот за меѓународна полициска соработка веќе постапува по истото и за истото веќе се поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР за „Скопје1“.

Во текот на вчерашниот ден, редакцијата на „Скопје1“ се обиде да стапи во контакт со сопственикот на профилот, кој одговара и на пораки – но не на сите. Речиси постојано е вклучен на интернет. Кога побаравме било каква потврда дека профилот не е лажен, но и потврда за информацијата дека Вања е кај нив – оттаму ги гледаа пораките, но не одговараа.

Дел од преписките со лажни тврдења преку лажниот профил со редакцијата на „Скопје1“

Редакцијата на „Слободен печат“, пак, стапила во контакт со повеќе џамии во косовско Подујево. Тие не ја виделе, ниту имаат информации за Вања. Контактирале и со имамот, чиј идентитет е злоупотребен.

„Веќе сум запознаен со овој профил кој неколку пати го пријавував во полиција затоа што често преку него некој, или криминална група, ги злоупотреубаше верниците злоупотребувајќи го моето име. Им давал совети, а потоа им барал пари користејќи го моето име и претставувајќи се од различни локации во светот. Овој профил нема никаква врска со ниедна џамија во Подујево“, рекол Арбер Бериша чија фотографија е злоупотребена за „Слободен печат“.

На социјалните мрежи, корисниците веќе се самоорганизираа за да го пријават профилот како лажен, но и коментарите како „спам“. Токму коментарите од овој профил, беа поттик за објава на вест во дел од медиумите дека Вања е најдена, што веднаш беше демантирано од Министерството за внатрешни работи.

Истовремено, тече четвртиот ден како се трага по Вања. Мајката нема никакви информации за неа од понеделникот, а заедно со таткото замолуваат секој што знае било што, да го пријави во полиција. Во изјава за „Скопје1“, мајката Зорица ја опиша ќерката како дете кое никогаш не би избегало, посочи дека утрината излегла од дома насмеана, како и дека телефонот бил исклучен во 07:40 минути. Тргнала на училиште, но не стигнала, за што алармирал класниот раководител. Мајката пријавува во полиција, па помош бара преку социјалните мрежи.

Поради можноста Вања да е надвор од Македонија, по неа сега трага и Интерпол. Вчера беше објавена меѓународната потерница. Во Скопје осамнаа куп фотографии од девојчето. Мајката Зорица Ѓорчевска за „Скопје1“ посочи дека се проверуваат сите траги. Шпекулациите дека се качила во бел автомобил од Дебар маало кажа дека се проверени и неточни.

МВР има посебен оперативен штаб за овој случај.

На почеток