Свет

Махмуд Абас: Јас сум за мирен отпор, јас сум за преговори

Махмуд Абас: Јас сум за мирен отпор, јас сум за преговори

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изјави дека меѓународната мировна конференција е неопходна за да се стави крај на војната во Газа и да се најде трајно политичко решение што ќе доведе до формирање на палестинска држава.

dobivaj vesti na viber

Во интервју за „Ројтерс“ од неговата канцеларија во Рамала, 87-годишниот Абас изјави дека конфликтот меѓу Израел и Палестинците достигнал алармантна фаза која бара меѓународна конференција и гаранции од светските сили.

„Јас сум за мирен отпор. Јас сум за преговори засновани на меѓународна мировна конференција и под меѓународно покровителство што би довело до решение под заштита на светските сили за формирање на суверена палестинска држава во Појасот Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим“, рече тој.

Абас додаде дека врз основа на обврзувачки меѓународен договор, тој ќе ја оживее ослабената палестинска управа (ПА), ќе ги спроведе долгоочекуваните реформи и ќе одржи претседателски и парламентарни избори. Абас рече дека тие се придржувале до сите мировни договори потпишани со Израел, од Договорот од Осло од 1993 година до другите, но дека Израел ги прекршил своите ветувања за ставање крај на окупацијата.

„Кој и да победи – победи, ова ќе бидат демократски избори“, рече тој на прашањето дали би ризикувал да ги одржи изборите со оглед на можноста Хамас да победи како во 2006 година. Абас рече дека планирал да одржи избори во април 2021 година, но претставник на Европската унија му кажал дека Израел се противи на гласањето во Источен Ерусалим, принудувајќи го да ги откаже изборите.

Абас не претстави конкретна визија за повоениот план за кој се разговараше со американските претставници. Според тој план, ПА ќе ја преземе контролата врз Појасот Газа, дом на 2,3 милиони луѓе.

„Газа денес не е Газа како што ја знаете. Газа е уништена. Нејзините болници, училишта, инфраструктура, згради, патишта и џамии се уништени. Не остана ништо. Кога ќе се вратиме, ќе ни требаат ресурси, на Газа и е потребна реконструкција. “, рече Абас и ги повика САД да бидат одговорни за она што се случува во енклавата.

„Тоа е единствената сила способна да му нареди на Израел да ја прекине војната и да ги исполни своите обврски, но за жал не го прави тоа. Америка е соучесник на Израел“, рече Абас.

На почеток