Како што пренесува словенечкиот N1, родители од Љубљана кај нивното дете пронашле пиротехнички средства, кои тоа ги купило без нивно знаење, а тие самите ја повикале љубљанската полиција.
„Со своето одговорно однесување дефинитивно му дадоа пример на детето и спречија евентуални повреди“, велат од полицијата и додаваат дека станува збор за речиси 400 парчиња пиротехнички производи.
Во Словенија од 26 декември до 1 јануари е дозволено користење пиротехнички средства за физички лица, а продажбата од 19 до 31 декември.
Од љубљанската полиција велат дека голем акцент ставаат на превентивните мерки за намалување на употребата или безбедната употреба на пиротехнички средства кои ги спроведуваат заедно со училиштата и другите институции. „Затоа секоја година одржуваме неколку предавања на таа тема во основните училишта“, објаснуваат тие.
Нагласија и дека родителите имаат важна улога во информирањето на малолетниците за опасностите од пиротехниката.
„Важно е да зборуваат на оваа тема и да ги предупредат децата за опасностите и последиците од употребата на пиротехнички производи“, додаваат од Управата на полицијата во Љубљана.