Свет

Кремљ се огласи за исчезнувањето на Алексеј Навални

Кремљ се огласи за исчезнувањето на Алексеј Навални

Кремљ нема ниту намера ниту можност да го следи издржувањето на затворската казна на опозицискиот лидер, Алексеј Навални, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

dobivaj vesti na viber

„Не, немаме ниту намера ниту можност да ја следиме судбината на затвореникот и процесот на неговиот престој во надлежните институции“, рече Песков на прес-конференцијата, пренесе „РИА Новости“.

Коментирајќи ги изјавите на Вашингтон за загриженост за судбината на Навални, Песков рече дека тој е прогласен за виновен на суд и дека секое мешање, вклучително и американско мешање, е неприфатливо.

„Станува збор за затвореник кој е прогласен за виновен и издржува казна. Ние веруваме дека нечија интервенција, вклучително и на САД, е неприфатлива“, рече Песков.

Претходно, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изрази загриженост за судбината на Навални и рече дека тоа е пренесено до руската влада. Песков истакна дека руската влада не знае за такви извештаи.

Соработниците на Навални во понеделникот објавија дека шест дена немаат никакви информации за него, ниту пак знаат каде се наоѓа.

Од казнената колонија во Владимирската област, каде што Навални издржува 30-годишна казна, соопштија дека тој повеќе не е на нивната листа на затвореници.

На почеток