Свет

Лидерите на ЕУ денес ќе одлучуваат за пристапните преговори со Украина

Лидерите на ЕУ денес ќе одлучуваат за пристапните преговори со Украина

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, кој претседава со ЕУ, рече дека сака да ги види пристапните преговори со Украина до крајот на 2023 година.

dobivaj vesti na viber

„Шпанското претседателство го почнав со патување во Киев и се надевам дека ќе го затворам со отворање на пристапните преговори со таа земја“, рече Санчез вчера во Европскиот парламент.

Шпанското претседателство со Советот на ЕУ завршува на 31 декември 2023 година. На самитот денес и утре лидерите на ЕУ треба да одлучат за препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Иако оваа препорака е поддржана од 26 земји членки, не е сигурно дека ќе биде усвоена бидејќи Унгарија се закани со вето.

Сепак, од Будимпешта доаѓаат сигнали дека би можеле да ја укинат блокадата за помошта за Украина доколку ЕУ ги одмрзне средствата што ги замрзна поради проблемите со владеењето на правото и демократските стандарди.

„Време е ЕУ да ги отвори рацете за Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан“, рече Санчез додавајќи дека е неопходно и консолидирање на европската политичка заедница.

Во својот говор Санчез исто така рече дека Европската Унија треба да зборува со исто единство и јасност за ситуацијата во Газа и Израел, како и за војната во Украина, а тоа вклучува и нагласување на правото на Израел да се брани, како и на барањето да се запре бомбардирањето цивилни во Газа.

„Ако сакаме светот да нè почитува како актер на геополитичко ниво, ако сакаме луѓето во Европа да се гордеат со нас и да видат дека европските вредности не се само зборови, ние мора да зборуваме јасно и со еден глас“. изјави Санчез.

Ова значи осуда на терористичките злосторства на Хамас, повикување на безусловно ослободување на заложниците, поддршка на борбата против тероризмот на Блискиот Исток и признавање на правото на Израел да се брани, но и со исто убедување и исти вредности. Доста е – доста од смртта на невините цивили во Газа, вклучително и илјадници деца“.

Вообичаено е шефовите на држави да држат говор во Европскиот парламент на почетокот на претседателството, но шпанскиот лидер зборуваше кон крајот на претседателството бидејќи на почетокот на претседателството во јули во Шпанија се одржаа вонредни избори.

По тие избори, владејачките социјалисти на Санчез неочекувано ја задржаа власта, но владата е зависна од каталонските сепаратисти, кои ја условуваа својата поддршка со амнестија за оние што беа осудени за учество во организирањето на каталонскиот референдум за независност во 2017 година.

 

На почеток