Свет

Шефот на Хамас пристигна во Каиро на преговори за Газа

Шефот на Хамас пристигна во Каиро на преговори за Газа

Шефот на Хамас Исмаил Ханија денеска пристигна во Каиро, соопшти палестинската исламистичка организација, а информиран извор потврди за Ројтерс дека се водат интензивни преговори за размена на заложници за палестински затвореници меѓу Израел и Хамас со посредство на Катар и Египет.

dobivaj vesti na viber

Според медиумите, Израел понудил прекин на огнот во Газа најмалку една недела како дел од преговорите за ослободување на дополнителни заложници од енклавата, потсетува ДПА. Ханија, кој живее во Катар, пристигна „во египетската престолнина на разговори со египетските власти за развојот на ционистичката агресија во Појасот Газа и голем број други прашања“, се вели во соопштението цитирано од агенцијата АФП.

И Хамас и Израел дадоа повеќекратни сигнали за можноста да се постигне ново затишје во борбите во Газа. Вчера, израелскиот претседател Исак Херцог ја навести можноста за нова хуманитарна пауза во Газа за да се олесни натамошното ослободување на заложниците.

„Израел е подготвен за нова хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да се олесни ослободувањето на заложниците“, изјави тој пред дипломатите, според портпаролот. Интернет порталот Аксиос вчера објави, повикувајќи се на двајца израелски официјални лица и „познат извор“, дека Израел очекува Хамас за возврат да ослободи повеќе од триесет заложници.

Што нудат Израелците?
Предлогот на Израел за најмалку еднонеделно примирје во замена за ослободување на околу 40 заложници беше посредуван од Катар, пишува Аксиос. Останатите жени, мажи над 60 години и други заложници кои се уште се во Газа и се болни или тешко ранети и на кои им е потребна итна медицинска помош – ќе бидат ослободени, објави порталот.

Тоа е прв предлог на Тел Авив откако минатиот месец истече еднонеделниот договор за прекин на огнот, објави Аксиос. За време на тоа примирје беа ослободени 105 заложници, а Израел за возврат ослободи 240 Палестинци од своите затвори.

Медиумите во понеделникот објавија дека Дејвид Барнеа, шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, го информирал директорот на ЦИА Вилијам Барнс и катарскиот премиер Абдулрахман Ал Тани во Варшава за новите преговори со Хамас.

Хамас, која Израел, САД и неколку други земји ја сметаат за терористичка организација, претходно најави дека не сака да преговара доколку Израел не ги прекине своите воени операции. Според израелските проценки, најмалку 109 заложници се уште се во Појасот Газа.

На почеток