„Нема да учествувам во геноцид, слобода за Палестина“: Американски војник се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон
Американски војник се самозапалил пред израелската амбасада во Вашингтон во знак на протест поради војната во Појасот Газа, а како што пренесува Тајм повикувајќи се на неофицијални извори, им подлегнал на повредите.
Тајм додава дека станува збор за Арон Бушнел (25) и веста за неговата смрт ја пренесува повикувајќи се на независната новинарка Талија Џејн, која на социјалните мрежи објавила дека е во контакт со семејството и пријателите на Бушнел.
„Веќе нема да бидам соучесник во геноцидот“, рекол војникот пред да се самозапали.
Тој се полил со течноста и се запалил извикувајќи „Слобода на Палестина“. Тој бил пренесен во блиската болница со повреди опасни по живот.
Воздухопловните сили на САД потврдија дека станува збор за војник на активна должност на американската армија, пишува Тајмс оф Израел. Локалната полиција и Тајната служба го истражуваат инцидентот.
На видео кое кружи на интернет, може да се види како полицаец држи пиштол додека војникот гори, а друг офицер го гаси пожарот со апарат за гаснење пожар. Во декември, жена демонстрант се самозапали пред израелскиот конзулат во Атланта.