(Видео) Половина месец не е собрана документацијата за испорака на Шеваљ Муареми и групата од Грчец
Обвинителството скоро половина месец од акцијата која ја спроведе во Грчец, нема комплетирано документација со која ќе бара екстрадиција на Шеваљ Муареми од Дубаи и дел од неговата група која е во бегство. Ова го соопшти министерот за правда, Кренар Лога, кој кажа дека ја чекаат документацијата по која ќе постапуваат.
„Се комплетира документација за тие предмети. Штом бидат изготвени од Обвинителството, ќе бидат спремни од наша страна и ќе се бараат и тие лица“, рече Лога.
Шеваљ Муареми, за кого веќе е познато дека последната локација од каде објавуваше фотографии е Дубаи, доби меѓународна потерница. Тој е осомничен како предводник на групата која убивала и пренесувала дрога, а беше откриен преку акција потпомогната и од меѓународните истражни институции.
Но не е само тој единствен по кој се трага. Листата е со осум лица.