Свет

Рекорден пад на наталитетот во Германија

Германија бара заплена на повеќе од 720 милиони евра замрзнати руски средства

Во последните две години наталитетот во Германија значително опадна и е најнизок од 2009 година, објави денеска Федералниот институт за истражување на населението во Визбаден.

„Ова е невообичаено остар пад на стапката на новороденчиња, во минатото фазите на опаѓање се одвиваа многу побавно“, се вели во соопштението на Федералниот институт за истражување на населението.

Истражувачите ги наведуваат пандемијата на коронавирус, војната во Украина и инфлацијата како можни причини за падот на бројот на родени деца.

„Во овие времиња на повеќекратни кризи, многумина се откажуваат од желбата да имаат деца“, вели шефот на студијата, Мартин Бујард. Сепак, не можеше да каже дали ова е актуелен тренд или почеток на долгорочен период на намалени раѓања.

Бројот на раѓања падна од 1,57 деца по жена во 2021 година на 1,36 во есента 2023 година, што е најниска вредност забележана од 2009 година.

По 1975 година, наталитетот во Германија беше во постојан пад, со исклучок на периодот меѓу 2015 и 2021 година, кој експертите го поврзуваат со владините мерки за помош на мајките со деца, но и со доаѓањето на голем број бегалци.

Опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ја обвини владата за ненадеен пад на наталитетот.

„Овој пад на стапката ја покажува и длабоката недоверба во работата на федералната влада и несигурноста што владее меѓу граѓаните поради погрешната политика“, рече портпаролката на ЦДУ/ЦСУ за семејни прашања Силвија Брехер.

На почеток