ЕУ ќе ги користи приходите од руските средства за купување оружје за Украина
Европската унија наскоро би можела да ги искористи приходите од замрзнатите руски средства за да и помогне на Украина да купи оружје, истакнаа лидерите на европските институции по првиот ден од дводневниот самит на лидерите на земјите-членки.
Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен рече дека првата милијарда евра од тој извор може да се исплатат веќе на почетокот на јули.
„Мило ми е што лидерите го поддржаа нашиот предлог за користење на дополнителни приходи од замрзнати руски средства. Со тоа ќе се обезбеди финансирање на набавката на воена опрема за Украина. Можеме да очекуваме да собереме околу три милијарди евра оваа година и слична сума во следните години“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.
„Им кажав на лидерите, доколку побрзаме да го прифатиме предлогот на Комисијата, дека првата милијарда евра би можеле да ја платиме веќе на 1 јули“, додаде претседателот на Комисијата.
И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека е убеден дека за ова може да се донесе одлука многу брзо.
Комисијата предложи 90 отсто од приходите од замрзнатите руски средства да се користат за финансирање на купување оружје за Украина, а останатите 10 отсто да одат директно во украинскиот државен буџет.