Свет

Русија жали за жртвите, се чека реакцијата на Владимир Путин

Повеќе од 130 луѓе беа убиени кога вооружени напаѓачи упаднаа во преполната концертна сала во Москва и отворија оган.

Новата авенија Арбат, една од главните улици во Москва, е наредена со некои од најголемите екрани во Русија.

Денес, сите ја имаат истата голема слика: свеќа гори покрај рускиот збор „скорбим“, што значи „жалиме“.

Русија жали за жртвите на масакрот во концертната сала Крокус во предградието на Москва.

Се уште нема конечен биланс на загинати, а потрагата по телата продолжува.

Иако не е во центарот на градот, Крокус е една од најпознатите музички сали во Русија.

Но, крвопролевањето што се случи во петокот ја претвори оваа сала во пекол.

Напаѓачите користеле не само куршуми за убивање, туку и пламен.

На снимките објавени од Рускиот истражен комитет се гледа како се урива покривот, како и метални столбови.

Надвор од зградата се уште има полициски ленти. Од местото каде што стојам, гледам еден сектор од овој комплекс кој е опожарен.

Тоа е само навестување за уништувањето што се случило внатре.

Луѓето се редат за да положат цвеќе на импровизираната меморијална локација посветена на жртвите од нападот.

Освен рози и каранфили, посетителите оставаат и кукли и плишани играчки, бидејќи меѓу жртвите имало и деца.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во телевизиско обраќање до нацијата во саботата дека четворицата напаѓачи биле уапсени додека се обидувале да пребегнат во Украина.

„Украинската страна им подготвила излез да ја преминат границата“, тврди Путин.

Киев ги отфрли таквите обвинувања, но тоа не ги спречи коментаторите блиски до Кремљ да продолжат да укажуваат на наводната поврзаност на напаѓачите со Украина.

Провладиниот весник „Московски комсомолец“ на својата веб-страница објави колумна која е крајно непријателски настроена кон Украина.

Насловот на сторијата е „Украина мора да биде прогласена за терористичка држава“, а заклучокот е следен:

„Време е да се уништи режимот во Киев… таа банда мора да умре. Русија има средства да го направи тоа“.

Ова води до клучно прашање.

Како ќе реагира Кремљ на страшниот напад?

Дали руската влада планира да го искористи она што се случи во салата „Крокус“ ​​за да ја оправда евентуалната натамошна ескалација на војната во Украина?

На почеток