Македонија

Коцевски на форум на државни обвинители од Западен Балкан во Будва

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски вчера во Будва, Р.Црна Гора, учествуваше на консултативниот форум на државни јавни обвинители и јавните обвинители од специјализираните обвинителства за гонење организиран криминал и корупција од земјите од Западен Балкан. Форумот го организираше црногорското Врховно државно обвинителство и Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан.

„Кога станува збор за борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои ги разјадуваат општествените ткива на нашите држави, предизвиците не се ниту малку на број, ниту пак лесни за справување“, рече Коцевски, наведувајќи го недостигот на материјални и кадровски ресурси, но и законските измени со кои се ограничуваат директните механизми за справување со корупцијата, преку намалување на санкциите, а со тоа и на роковите за застареност на најважните коруптивни кривични дела.

Меѓу напорите кои македонското обвинителство ги вложува во овие области, тој ги наведе истражните центри во скопското, тетовското и кумановското обвинителство, како и во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, јакнењето на капацитетите за финансиски истраги, плановите за дигитализација и за јакнење на транспарентноста на обвинителското постапување.

„Меѓутоа, и покрај сите овие напори тешко би дошле до вистински резултати во борбата против организираниот криминал без ефикасна меѓусебна соработка. Сторителите на кривични дела лесно ги прошируваат и префрлаат своите дејствија од една во друга држава со што се обидуваат да го избегнат кривичниот прогон. Наша обврска како истражни органи е да им застанеме на патот, а најефикасно оружје за таа цел е нашата меѓусебна координација. Како јавни обвинителства имаме обврска да ги негуваме и дополнително да ги развиваме можностите во оваа насока, особено во нашиот регион“, рече Коцевски.

Заедно со него на форумот учествуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, како и обвинителката за врски со Европравда Ленче Ристоска.

На маргините на форумот, Коцевски оствари билатерални средби со претседателот на Европравда Ладислав Хамран, како и со црногорскиот врховен државен обвинител Милорад Марковиќ.

На почеток